КОНЦЕРТОТ „НЕЗАБОРАВ“ ГИ ОЖИВЕА БИТОЛСКИТЕ МУЗИЧКИ ЛЕГЕНДИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Ни на некои национални фестивали не им успева да ја наполнат Големата сала во Центарот за култура во Битола, но тоа ѝ успеа на музичката манифестација „Незаборав“ и авторот Панде Димитровски. Вчера (20 август) за време на 15. издание на фестивалот кој го чува незаборавот за музичките легенди поврзани со Битола, салата со капацитет од 870 столчиња беше исполнета до последно.  

Јубилејната музичка вечер беше ретроспектива на изминатите 14 настани посветени на: Сашка Петковска, Јонче Христовски, Пепи Бафтировски, Љупчо Спасеновски („Буба мара“), Добри Ставревски, Гоце Николовски, Миле Шерденков, групата „Битолски конзули“, Битолчани на Фолк фестивалот Валандово, Драган Каранфиловски-Бојс, „Песни за Битола“ прв и втор дел, Песни од Интерфест 92-96 и вечерта посветена на Тоде Новачевски.

Нивните песни ги оживеаја Дона Петрова, Никола Зацевски, Борче Наумовски- Министерот, Бојан Стојков со придружните вокали Лилјана и Билјана Трајковски и оркестарот „Твинс бенд“ заедно со маестро Кирил Стојчевски.

Ги слушнавме хитовите „Бакни ме“ од Саша Петковска, „Заљубена“  од Наталија Караманова, „Признавам“ од Маријана и Росана, „Бај-бај“ од „Бубамара“, „Еј соколе“ од „Битолските конзули“, „Животе мој“ од Јонче Христовски, „Пусти мерак Ратеке“ од Горан Тодоровски, „Немој Ратке“ од „Икс Бенд“,  „Ако згрешам нека изгорам“ од Пепи Бафтировски и многу други. Публиката остана рапосложена до крај, апалудираше и пееше заедно со музичарите.

„Славиме јубилеј и многу е по битолски да се пофалиме. На досегашните 14 манифестации испеани беа над 200 песни од исто толку музичари и автори исклучиво од Битола. Снимени се над 1000 минути програма, нѐ следеле над 10.000 луѓе. Сите манифестации се објавени на јутјуб и имаат 100.000 прегледи“, рече Силвана Петрова -Насух, која со својот специфичен водителски стил на фестивалот му даде уште поголем битолски печат.

„Незаборав“ се одржува во рамките на Бит-фест и е на листата на настани кои градат трајни вредности.

Ж. ЗДРАВКОВСКА 

 

Фото: СМАРТ.СДК.МК