Во кафе-книжарницата „Илика“ во Скопје по вторпат се отвори донаторската акција за стари книги, плочи и цедеа. Акцијата трае до 18.септември, а старите книги, плочи и цедеа можат да се донесат во книжарницата од понеделник до сабота, од 8 до 13 и од 17 до 22 часот.
Акцијата е дел од второто издание на фестивалот за алтернативна, младинска и критичка култура „Ре-култура“, што го организира здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, во соработка со кафе-книжарниците „Илика“ и „Буква“.
„Ги повикуваме сите пријатели, поддржувачи, издавачи, музичари, колекционери и сите кои сакаат да ги олеснат своите библиотеки, да предложат добра музика на некои нови луѓе и да бидат дел од градењето на независна младинска култура да ги донираат своите стари книги, плочи и цедеа што се во добра состојба“, велат од „Култура Бета“.
Донациите ќе бидат изложени на базар, што ќе се одржи на 26 и 27 септември, а собраните средства ќе бидат вложени во поддршка на локалната младинска културна сцена, организирање настани и објавување независни изданија.
Целата програма на фестивалот „Ре-култура“ ќе биде објавена наскоро.