„Џетро тал“, еден од најдолговечните рок бендови, ќе ја посети и Македонија во октомври во рамките на својата светска турнеја, на којашто одбележува 50 години од постоењето на групата.
Како што објави организаторот „Авалон продукција“, концертот ќе се одржи на 16 октомври во СРЦ „Кале“ во Скопје, период кога групата ќе настапи и во други држави од регионот.
Основана во 1967 година, „Џетро тал“ го издаде првиот од своите 21 студиски албум наредната година, наметнувајќи се како една од најуспешните и највлијателни фолк/прогресивни рок групи на сите времиња, благодарение и на харизматичниот фронтмен Јан Андерсон.
Како пејач, гитарист и флејтист, Андерсон остана единствениот постојан член на групата во наредните децении и во 2014 година објави дека „Џетро тал“ е завршена приказна. Тој го промени мислењето по само три години, најавувајќи нова светска турнеја, која почна на 1 март годинава.
На турнејата, Андерсон е придружуван од музичарите кои се дел од неговата соло-група од 2012 година.