Природонаучниот музеј на Македонија и Министерството за култура објавија уникатно палеонтолошко откритие во близина на селото Долни Дисан, Неготино, каде што се пронајдени фосилни остатоци од изумрен вид слон.

Палеонтолошки екипи од Македонија и Софија на 20 април почнаа со ископување на фосилните остатоци од слонот (Choerolophodon pantelici), чија старост прелиминарно се проценува на осум милиони години. Досега откриените коски укажуваат на зачуван значаен дел од скелетот.

Фосилни остатоци од овој вид слон се пронајдени на повеќе локалитети во Македонија и во Евроазија, но комплетен скелет досега не ѝ беше познат на науката, што го прави наодот уникатен во светски рамки.

„Стручен тим од Природонаучниот музеј на Македонија, предводен од м-р Биљана Гаревска, заедно со палеонтолози од Софија, во наредните денови ќе ги собираат ископаните остатоци. Се надеваме дека во блиска иднина тие ќе бидат конзервирани и претставени на македонската и меѓународната јавност“, соопшти Музејот.

Овој вид слон е постар од мамутите и населувал суви тревнати предели, слични на денешните африкански савани.