ВОРВИК ДЕЈВИС ЌЕ ГО ИГРА ПРОФЕСОРОТ ФЛИТВИК И ВО НОВАТА СЕРИЈА ЗА ХАРИ ПОТЕР

САД, (Би-Би-Си)

Ворвик Дејвис ќе ја повтори својата улога на професорот Филиус Флитвик во претстојната телевизиска серија за Хари Потер, потврди „Ејч-Би-О“. Добитникот на БАФТА го играше популарниот професор во серијалот филмови за Хари Потер базиран на книгите на Џеј Кеј Роулинг. Тој е првиот актер од филмската франшиза кој ќе ја повтори својата улога во новата серија.

Дополнителни членови на екипата на ТВ-серијата беа објавени како дел од прославата „Враќање во Хогвортс“. Секоја година на 1 септември, обожавателите се собираат за да го прослават денот кога учениците од Хогвортс се враќаат во интернатот за вештерство и волшебништво за почетокот на семестарот.

Се очекува серијата да трае десет години, а првата сезона треба да започне во 2027. Продукцијата започна летово, кога беше објавена првата слика од главниот актер, 11-годишниот Доминик Меклафлин. Претходно беше објавено дека Аластер Стаут ќе го глуми најдобриот пријател на Хари, Рон Визли, а Арабела Стентон ќе биде новата Хермиона Гренџер. Тие им се придружуваат на ѕвезди како Џон Литгоу, кој ќе го игра Дамблдор, Ник Фрост како Хагрид, Џенет Мектир како Минерва Мекгонагал и Папа Есиеду како Северус Снејп.

(Фото: Ејч-Би-О)