СО ПРЕТСТАВАТА „ГИДИОНОВИОТ ЈАЗОЛ“ СЕ ОТВОРА СЕЗОНАТА ВО СКОПСКИОТ ДРАМСКИ ТЕАТАР НА 9 СЕПТЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Гидионовиот јазол“ ја отвора новата сезона во скопскиот Драмски театар на 9 септември (20 часот). Два дена подоцна таа се игра во Струмица, во рамките на програмскиот дел на 33. издание на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, што годинава се одржува од 8 до 13 септември во НУЦК „Антон Панов“.

„Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски-Попова е работена по текст на Џона Адамс. Драматург е Викторија Рангелова-Петровска. Улогите ги играат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ања Митиќ и децата од студиото за актерска игра „Прва проба“, Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски и Јоанис Далајоргос.

„Претставата е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и за состојбите во образовниот систем и проблемите со кои се соочува детето во детството“, вели режисерката Милошевски-Попова.

Џона Адамс е претставничка на новата генерација американски драмски автори. Има напишано 20 драмски текстови.

Претходно, претставата се играше на фестивалот РУТА во Сараево.