ПРОНАЈДЕНИ БЕЛЕШКИ ЗА МЈУЗИКЛ НА КОЈ ДЕЈВИД БОУВИ РАБОТЕЛ ПРЕД ДА ПОЧИНЕ

Лондон, (Би-Би-Си)

Кога Дејвид Боуви почина во 2016, неговиот подарок за збогум беше албумот „Blackstar“, инспириран од неговата дијагноза за рак и прифаќањето на смртноста. Но, во последните месеци од животот, тој започнал и друг проект, опишан во неговите белешки како „мјузикл од 18. век“.

Наречен „The Spectator“, постоењето на делото не им било познато дури и на неговите најблиски соработници, сè додека белешките не биле откриени заклучени во неговиот кабинет во 2016. Тие сега се донирани на музејот „Викторија и Алберт“, заедно со остатокот од архивата на Боуви. Тие ја покажуваат фасцинацијата на Боуви од развојот на уметноста и сатирата во Лондон во 18. век, но и од криминалот во тоа време.

Ако беше завршен, мјузиклот ќе беше остварување на една од животните амбиции на Боуви.

„Уште на самиот почеток сакав да пишувам за театар“, изјави тој за Би-Би-Си радио во 2002.

Белешките на Боуви биле пронајдени онакви какви што ги оставил, закачени на ѕидовите и складирани во неговата канцеларија во Њујорк. Собата секогаш била заклучена, само Боуви и неговиот личен асистент имале клуч.

Професорот Боб Харис, историчар и специјалист за 18. век од Универзитетот Оксфорд, вели дека може да разбере зошто овој период го привлекол вниманието на Боуви.

„Лондон во таа фаза бил многу возбудлив, жив и разновиден град. Бил најголемиот град во Западна Европа, со над половина милион жители и имал енергични весници кои постојано коментирале за модата и глупостите на тоа време“, кажа Харис.

(Фото: Гети)