Вечерва (9 септември) од 20 часот, во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица ќе се игра претставата „Народен пратеник“ (фото) на Македонскиот народен театар (МНТ), што е во рамките на 33. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“. Од 22 часот е уште една претстава на МНТ, „Бели ноќи“.
Фестивалот се отвори на 8 септември и ќе се играат претстави од Македонија, Србија, Бугарија и Италија.
Првата претстава на МНТ, „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, е во режија на Егон Савин. Играат Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас) и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
„Бели ноќи“ е камерна сценска адаптација на истоимениот роман на Фјодор Достоевски, во режија на Звездана Ангеловска. Ова е копродукциски проект во кој настапуваат Ана Јовановска и Дамјан Цветановски.