НЕМАВ СРЦЕ НА КОПОЛА ДА МУ КАЖАМ ОТИ ЗНАМ ДЕКА ГО МРАЗИ МОЈОТ ФИЛМ „СУДИР“, РЕЧЕ КРОНЕНБЕРГ ВО БУДИМПЕШТА

Будимпешта, (Смарт СДК.МК)

Што имаат заедничко унгарската филмска легенда Иштван Сабо и славните канадски режисери Дејвид Кроненберг и Атом Егојан? „Ништо, токму затоа и решив да го продуцирам нивните филмови“, рече во Будимпешта прочуениот унгарско-канадски продуцент Роберт Лантош, чија „Алајанс комјуникејшнс корпорејшн“ 25 години беше најголемата продукциско-дистрибуциска куќа за филм и телевизија во Канада, а во 1998 ја создаде „Серендипити поинт филмс“.

Четири од неговите филмови – „Слаткиот натамошен живот“ на Егојан „Да се ​​биде Јулија“ на Сабо „Источни ветувања“ на Кроненберг и „Верзијата на Барни“ на Луис – добија номинации за Оскар. Осум од неговите продукции беа во официјалната селекција во Кан, каде што „Слаткиот натамошен живот“ ги освои Гран-при и наградата на ФИПРЕСЦИ, а контроверзниот „Судир“ на Кроненберг освои Специјална награда од жирито.

Четворицата филмски великани за првпат се сретнаа заедно како почесни гости на Будимпештанскиот маратон на филмски класици и во едночасовниот разговор со многу хумор евоцираа спомени и анегдоти од нивните соработки.

Егојан (65) раскажа дека тој беше во жирито во Кан во 1996 кога „Судир“ на Кроненберг беше во конкуренцијата за Златна палма. Френсис Форд Копола беше претседател на жирито и на последното жирирање ги поставил правилата за оценување.

„Копола ги стави во три купови картичките со имињата на филмовите – во првиот беа ‘кандидати’, во вториот ‘можеби’ и во третиот ‘не’. Одеднаш, ја извади од купот картичката за ‘Судир’, од џебот извади запалка и ја запали. Толку го мразеше тој филм. Бев шокиран, не ми се веруваше. Но го надгласавме и филмот доби Специјална награда на жирито“, рече Егојан.

А Кроненберг (82) додаде: „Оттогаш стално кога ќе се сретнеме Копола ми вика, Дејвид, не заборави, ти дадовме награда во Кан. А јас немам срце да му кажам дека знам оти ептен не му се допаѓа филмот“.

Иштван Сабо (87) кажа дека по успешната серија филмови сакал да го сними „Сончева светлина“, филм за холокаустот, но сите продуценти го одбивале. Но Лантош го прочитал сценариото уште додека бил на летот од Будимпешта за Канада и кога слетал уште од аеродром му се јавил да му каже дека ќе го продуцира тој филм. Сабо со многу емоција раскажа дека го гледал „Сончева светлина“ во многу земји во светот, но дека буквално секаде публиката реагирала исто на истите места во филмот.

„Судир“ на Корненберг, снимен според истоимениот роман на Џеј Џи Балард, на премиерата во Кан во 1996 ја подели публиката и критиката чии главни замерки беа дека се фетишизира сообраќајната несреќа.

„На преполната прес-конференција еден новинар имаше друга стратегија за напад на филмот и рече дека тој е навреда за одличниот роман на Балард. На тоа Балард, кој беше на прес-конференцијата, рече, ‘Напротив, филмот е многу подобар од мојот роман’. По што новинарот седна и замолча“, рече Кроненберг.

Лантош раскажа дека за време на снимањето на „Сончева светлина“ отишол на еден ден од Будимпешта во Торонто каде Егојан примал награда од Ерменската заедница.

„Во говорот зборував дека штотуку снимам филм за холокаустот на мојот народ, и дека имам намера да го продуциран следниот филм на Атом за неговиот народ, ‘Арарат’. Кога го изговорив тоа имаше бурен аплауз и кога седнав на местото, Атом очаен ми вика, ‘А бе, што ми направи, сега стварно треба да го снимам тој филм“, се смееше Лантош.

На тоа, Кроненберг, основач на жанрот боди хорор чии филмови истражуваат телесна трансформација, заразни болести и преплетување на психолошкото, физичкото и технолошкото, поентираше:

„Затоа и јас морав да снимам филм за мојот народ“.

Главна тема на годинешното 8. издание на Будимпештанскиот маратон на филмски класици, што го организира Националниот филмски институт на Унгарија, е „Славење на 130 години филмска уметност“. Од 16-21 септември во неколку кина, меѓу кои и историското Уранија и на големото платно на отворено во срцето на Будимпешта, се прикажуваат извонредно реставрирани унгарски и странски филмови од сите жанрови и периоди.

М. КОСТОВА

 

Кроненберг, Лантош, Егојан и Сабо на Будимпештанскиот маратон на филмски класици 2025. (Фото: БКФМ / НФИ Унгарија)