ПОЧНУВА 13. ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ЗА МЛАДИ „ЏИФОНИ МАКЕДОНИЈА“, ЌЕ ИМА НАД 400 УЧЕСНИЦИ ОД ОСУМ ДРЖАВИ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Тринаесеттото издание на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ ќе се одржи од 26 септември до 1 октомври во Младинскиот културен центар и во Кинотеката. Фестивалот ќе го отвори амбасадорот на Италија, Паоло Палминтери, во 20 часот во киното „Фросина“, а потоа ќе биде прикажан филмот „Засекогаш со тебе“ (Io non ti lascio solo) на режисерот Фабрицио Катани. Влезниците за отворањето на фестивалот се бесплатни.

Во наредните шест дена на фестивалот ќе дојдат 400 учесници од Македонија, како и 30-ина младинци од Италија, Швајцарија, Данска, Романија, Србија, Косово и Црна Гора. На крајот од фестивалот, најдобрите 12-мина од учесниците кои биле најактивни во дискусиите и работилниците ќе бидат избрани за учество на филмскиот фестивал Џифони во Италија во 2026, како и за други меѓународни фестивали во Европа.

Свеченото затворање е на 1 октомври од 19 часот и ќе претставува презентација на целата креативна работа која учесниците ја направиле на седумте работилници. Ќе бидат изложени сите фотографии и стрипови и ќе се прикажат сите кратки филмови направени од учесниците во текот на фестивалот.