ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ ОД РИСТО ШИШКОВ ВЕЧЕРВА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Изложба со фотографии од актерот Ристо Шишков ќе се отвори вечерва (26 септември) во Скопје, во бифе „Тафталиџе“ во 20 часот. Ќе бидат прикажани професионални и приватни фотографии од Шишков од повеќе периоди од неговиот живот, а изложбата ја организира неговото семејство.

Ристо Шишков беше истакнат театарски и филмски актер. Роден е во 1940 во селото Мрсна и бил меѓу децата бегалци од Егејска Македонија. Во 1957 почнал да глуми во Народниот театар „Антон Панов” во Струмица. Во 1962 дипломирал глума на Театарската академија во Белград, а по двегодишната работа во Југословенско драмско позориште во Белград, во 1964 станал член на Драмата на Македонскиот народен театар. Играл во 54 театарски претстави и снимил 11 филма, пет телевизиски драми, три ТВ-серии и повеќе радиодрами.

Во негова чест, од 1992 во Струмица се одржува фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“.