ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР ГОСТУВА СО ДВЕ ПРЕТСТАВИ НА ФЕСТИВАЛИ ВО НИШ И КРАГУЕВАЦ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Велешкиот театар ќе настапи во Ниш и Крагуевац со две претстави. Во Ниш ќе ја изведе претстават„Галеб“ од Чехов на фестивалот „Театар на крстосница“ на 7 октомври, каде што ќе учествуваат и Народно позориште од Ниш, Босанско народно позориште од Зеница, Народен театар „Иван Вазов“ од Софија, Црногорско народно позориште од Подгорица, Народно позориште од Белград и Југословенско драмско позориште од Белград.

На 9 октомври, Велешки театар ќе настапи на фестивалот „Јоакимфест“ во Крагуевац со претставата „Татко“ од Флоријан Зелер, во режија на Ненад Витанов. Во конкуренција за награди ќе бидат и Ателје 212 од Белград, Народниот театар од Сомбор, Театарот од Никшиќ и театaрски групи од Порторож, Словенија и Равена, Италија. И двата фестивала се натпреварувачки.

Велешкиот театар летоска гостуваше на фестивал во Смедерево со претставата „Галеб“, кога наградата за најдобар актер ја доби Исидор Јовановски.

П. ПЕЧКОВ