Џијан Емин му го подари своето диригентско стапче на новиот војвода на Луксембург, Гијом, на неговата инаугурација, откако диригираше со концертот на Филхармонијата на Луксембург и пијанистот Франческо Тристано на мостот Рут Брек во Луксембург. По завршувањето на настапот, Џијан Емин му посака долго и успешно владеење на новиот војвода, а Тристано му ја подари партитурата од музиката која ја свиреше.
На свечениот настан по повод инаугурацијата на новиот војвода на Луксембург, културниот сегмент на програмата привлече особено внимание благодарение на настапот на нашиот познат диригент Џијан Емин и пијанистот Франческо Тристано. Емин го предводеше оркестарот во композицијата „Опа”, напишана специјално за овој настан.
Џијан Емин доби покана да гостува во Луксембург во јануари годинава, откако му беше гостин- диригент на Тристано на концертот со тамошната филхармонија.

„Ми претставуваше голема чест да настапам по третпат со Филхармонијата на Луксембург, заедно со извонредниот пијанист Франческо Тристано. Овојпат, настапот беше по повод инаугурацијата на новиот војвода на Луксембург, настан од историско значење за земјата. Продукцијата беше реализирана на највисоко професионално ниво, со учество на повеќе од 3.000 луѓе. Горд сум што бев дел од еден толку голем и достоинствен проект кој ги спои уметноста, традицијата и музиката во едно незаборавно искуство“, ни рече Џијан Емин.
Емин ја гради својата кариера како диригент со меѓународни оркестри, компонира и аранжира за филм и театар и свири импровизирана музика, џез, рок и електронска музика на различни инструменти. Неговите соработници вклучуваат светски познати музичари како Дерик Меј, Хуан Аткинс, Џеф Милс, Франческо Тристано и добитниците на Оскар и Греми, како А. Р. Рахман, Курт Елинг и Арве Хенриксен.

Франческо Тристано, кој студирал на престижната школа Џулијард во Њујорк, се издвојува со својата интерпретација на Бах, а се проби во 2011 година со потпишувањето за „Дојче грамофон“, со проекти кои го истражуваат спојот помеѓу класичната и современата музика, како Бах/Кејџ.
М. ЏАРОВСКА