Со концерт во Арената „Борис Трајковски“ на 3 октомври, Тамара Тодевска ќе одбележи 25 години музичка кариера. На концертот, ќе ја придружува оркестарот на Џијан Емин. Пред концертот, поп-пејачката најави нова музичка ера со албумот „Кукла жива“ со 11 нови песни.
Тодевска вели дека албумот е уникатно музичко доживување, реализирано во соработка со македонскиот диригент, композитор и аранжер Емин Џијан и неговиот оркестар.
„Истовремено сум многу возбудена, среќна и нетрпелива. Подготовките за големиот концерт на 3 октомври се во тек, а паралелно работам и на мојот нов албум ‘Кукла жива’, кој ќе претставува навистина посебен музички проект, не само за мене, туку и за македонската музичка сцена и култура во целост. Периодов и јас и целиот мој тим имаме многу студиска работа и снимање, но тоа е она во што најмногу уживам, во креативниот процес, во создавањето на музиката и во деталите кои го обликуваат финалниот звук. Песните ги напишавме заедно со Коста Петров, а аранжманите ги направи Емин Џијан, така што публиката може да очекува квалитетна музика, полна со емоции и искрени стихови кои сум ги живеела во одреден период од мојот живот и кариера“, вели Тамара Тодевска.
Албумот „Кукла жива“ е во финална подготовка и во текот на мај ќе биде промовиран.
На концертот во октомври ќе се пеат сите 11 песни од новиот албум, како и хитовите кои ја одбележаа кариерата на Тамара Тодевска.
Картите за овој концерт се веќе пуштени во продажба и можат да се купат преку продажната мрежа на wayin.mk Концертот е во организација на „Мјузик ритуалс“.