АМЕРИКАНСКИ ЅВЕЗДИ НА ЏЕЗОТ ГО ЗАТВОРААТ 44. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Двајца врвни американски музичари вечерва го затвораат 44. Скопски џез фестивал. Двата концерта се во Националната опера и балет.

Директорот на СЏФ, Оливер Белопета, го најави Вадада Лио Смит како најдобриот жив американски џезер. На концертот кој почнува во 20 часот, 83-годишниот трубач ќе настапи во тандем со швајцарската пијанистка Силви Курвоазје (фото). Тие се на европска турнеја на која го промовираат нивниот прв заеднички албум „Angel Falls“ и скопската публика меѓу првите ќе има можност да ги чуе во живо.

На затворањето од 22 часот настапува квартетот на саксофонистот Џејмс Брендон Луис, кого магазинот „Даунбит“ го прогласи за музичар на годината.

„Во Скопје доаѓа со квартетот со кој неодамна го издаде петтиот албум. Овие извонредни музичари, секој со свој засебен карактер, звучат современо, но длабоко вкоренети во спиритуалната и импровизаторска суштина на џезот“, велат од СЏФ.