НАПИШАВ ХИМНА ЗА ВЉУБЕНИТЕ ВО ЕДЕН ЗДИВ, ВЕЛИ АЛЕКСАНДАР ТАРАБУНОВ ЗА ПЕСНАТА „ЉУБОВ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Љубов“ е новиот сингл на поп-пејачот Александар Тарабунов-Тара, за кој вели дека е неговата најинтимна, најзрела и најкомплетна песна досега. Тарабунов додава дека ја напишал песната во еден здив, во дождливо попладне. Видеоспотот е снимен на негова идеја, а го режираше Никола Марковски.

„Сите кои ја слушнаа песната пред да се објави беа искрено воодушевени. Секој ја доживеа на свој начин, но сите се согласија во едно: дека ова е песна што останува. Верувам дека и судот на публиката ќе биде ист. ‘Љубов’ нека биде химна за вљубените, песна за опуштена вечер со чаша вино и романтика. Затоа што музиката освен што се слуша и се чувствува“, вели Тарабунов.

Тој ќе го одржи првиот солистички концерт во Скопје на 10 декември во Филхармонијата. Taрабунов, кој е син на пејачот на народни песни Ванчо Тарабунов и е вработен во хорот на Операта, вели дека концертот ќе биде остварување на неговата животна желба.