ПРОМОЦИЈА НА БЛУ-РЕЈ ИЗДАНИЕТО НА ФИЛМОТ „МИС СТОН“ НА 27 ОКТОМВРИ ВО КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

На 27 октомври во 12 часот, во Кинотеката ќе се одржи промоција на блу-реј изданието на филмот „Мис Стон“ на режисерот Живорад Жика Митровиќ од 1958, во чест на одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство.

До крајот на октомври во вечерните термини ќе се прикажуваат наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат своевиден јубилеј. Од 27 до 31 октомври ќе се прикажат „Денови на искушение“ на Бранко Гапо, „Волчја ноќ“ на Франце Штиглиц, „Оловна бригада“ на Кирил Ценевски, „Контакт“ на Сергеј Станојковски, „Ангели на отпад“ на Димитрие Османли, „Јад“ на  Ценевски и „Време, води“ на Бранко Гапо.

Светскиот ден на аудиовизуелното наследство е востановен во чест на донесувањето на Препораката за заштита и зачувување на подвижните слики на 21. Генерално собрание на УНЕСКО во 1980. Три и пол децении подоцна, УНЕСКО ја дополни и прошири таа првична препорака со нова и во 2015 година беше усвоена Препораката за зачувување и достапност на документарното наследство, вклучително и она во дигитална форма.