МЕЛАНИЈА НИ ПРОЗОР НЕ СМЕЕ ДА ОТВОРИ, ВЕЛИ ПРВАТА ДАМА НА ФРАНЦИЈА ЗА ЖИВОТОТ ВО БЕЛАТА КУЌА

Париз, (Гардијан)

Живот во Белата куќа, можеби, изгледа гламурозно, но е полн со ограничувања.

Брижит Макрон ова го сфатила при неодамнешната посета на Вашингтон со својот сопруг, францускиот претседател Емануел Макрон.

Во разговор за весникот „Л‘Монд“, Макрон откри дека животот на Меланија Трамп е многу ограничен и тоа може да објасни зошто таа често се појавува без емоции во јавност.

„Првата дама не може ништо да направи. Таа дури не смее да отвори прозор во Белата куќа. Таа не може да излегува надвор. Меланија е многу повеќе ограничена од мене, јас секој ден се шетам во Париз“, вели првата дама на Франција.

Макрон, исто така, забележува дека Меланија мора многу да внимава што ќе каже и како изгледа, бидејќи е под силна контрола од медиумите, но приватно, „таа е љубезна, шармантна, интелигентна, многу отворена и, всушност, навистина забавна“.

„Сѐ се толкува, дури и прекумерно. Меланија е жена со силна личност, но не го покажува тоа. Многу лесно можете да ја насмеете, но поретко го покажува тоа од мене“, вели Макрон.

Таа, исто така, многу добро знае како е тоа кога медиумите ти ги извртуваат зборовите.

„И јас морам да внимавам што ќе кажам. Имам впечаток дека секој збор е збор премногу. Цело време се воздржувам. Тоа е најтешкиот дел, никогаш немаш слободно време, кога можеш да бидеш целосно спокоен“.