ВОСПИТУВАЊЕТО НА ДЕЦАТА Е ТОА ШТО НИ ОСТАНА ЗА ДА СЕ СПАСИМЕ ОД ДУХОВНО ПРОПАЃАЊЕ, РЕЧЕ ЕРМИС ЛАФАЗАНОВСКИ, ПРВ ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „ОЛИВЕРА НИКОЛОВА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Романот „Џинџуџе“ е потрага по вистината, убавината и добрината, рече писателот Ермис Лафазановски, добитник на наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади, востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“.

„Добивањето на наградата востановена во спомен на Оливера Николова за мене претставува голема чест. Самото нејзино име предизвика интерес и поттик кај помладите, но и кај повозрасните писатели да продолжат да пишуваат за деца. Во овие времиња, воспитувањето на децата е тоа што ни остана за да се спасиме од духовно пропаѓање во иднина. Од таа гледна точка, сметам дека секоја книга за деца дава огромен придонес за нашата иднина. Оливера Николова лично ја познавав, соработувавме и на професионален и на личен план. Таа беше еден од столбовите на класичната и модерната македонска литература. Верувам дека нејзиното дело допрва ќе биде подложено на нови читања и на тој начин ќе се создаваат различни мислења, не само за нашето минато, за кое таа пишуваше, туку и за времето во кое живееме и она што следува“, рече Лафазановски на доделувањето на наградата.

Романот, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е збогатен со илустрации од Здравко Гиров.

На свеченоста говореа и членовите на жирито Весна Мојсова-Чепишевска, Јагода Михајловска-Георгиева и Оливера Ќорвезироска, како и Јана Андреевска, ќерката на Оливера Николова.

„Мајка ми ја красеа многу убави епитети, но би издвоила еден кој најмногу го поврзувам со оваа награда: нејзината непресушна љубопитност. Таа почина на 88-годишна возраст, но сè уште ги имаше младешката љубопитност и желбата да учи и да се информира. Работеше на компјутер, беше современа и постојано сакаше да стекнува нови знаења. Беше неуморна во поттикнувањето на други да пишуваат“, рече Андреевска.

Николова почина на 3 ноември 2024. На првиот конкурс за наградата пристигнаа 38 ракописи од 37 автори. Во тек е вториот конкурс, кој ќе трае до 11 јануари 2026.