„Храбриот нов театар“ e мотото на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, кој ќе се одржи од 12 до 19 јуни 2026.
„Насловот на денес култниот роман на Хаксли ‘Храбриот нов свет’ е инспириран од репликата на Миранда во Шекспировата ‘Бура’: ‘О, чудо! Колку прекрасни суштества! Ах, колку прекрасни биле луѓето! И колку си среќен со нив во Новиот Свет!’. Мотото логично произлезе од оваа конекција бидејќи интимниот восклик на Миранда станува ироничен коментар на новото време преку романот на Хаксли. Играта со зборови во која театарот е светот, поточно светот е театар е само природен резултат на она што нашиот фестивал го гради со години. Кога се слави голем јубилеј, како што се 60 години на најстариот и најзначаен театарски фестивал во Македонија, треба да се биде храбар и да се бара нешто ново“, вели Ана Стојаноска, уметничка директорка на фестивалот:
Од фестивалот соопштуваат дека дизајнот на визуелниот идентитет е на дизајнерката Ема Велковска.
Драматургот Дејан Дуковски, еден од најизведуваните македонски драмски автори, ќе биде автор во фокус на 60. „Војдан Чернодрински“. Фестивалот ќе му посвети ден на авторот, во кој со различни содржини ќе биде потенцирана неговата важност за македонската театарска меморија и култура.