„НАШИТЕ ВО СВЕТОТ“ Е МОТОТО НА 50. МЛАД ОТВОРЕН ТЕАТАР, ПОЧНУВА НА 19 НОЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Јубилејното 50. издание на Млад отворен театар (МОТ) во Скопје ќе се одржи од 19 до 25 ноември. Под мотото „Нашите во светот“, јубилејното издание ја слави интернационалната видливост на македонската театарска мисла и ја истакнува вредноста на уметниците кои потекнуваат од нашата културна средина, а се етаблирале во европски и регионални театри.

„МОТ ќе ги донесе нивните најнови претстави, создадени во театарски куќи во регионот и пошироко, овозможувајќи им на гледачите да ги видат делата на нашите режисери, актери и сценски автори кои создаваат надвор, но со јасен печат на македонската уметничка школа“, вели Русе Арсов во името на тимот на Младинскиот културен центар (МКЦ).

Отворањето на фестивалот е со претставата „Лимениот барабан“ (фото) во режија и адаптација на Васил Христов, која е поставена на сцената на Југословенско драмско позориште во Белград. Во оваа претстава македонската екипа е проширена и со композиторот Никола Коџобашија и сценографот Константин Трпеновски.

На програмата е и претставата на Андреј Цветановски „Куќа на граница“, поставена во Регионалното позориште во Нови Пазар, на која работеа и Сергеј Светозарев (сценографија и костимографија) и Димитар Андоновски (композитор).

Ќе играат и претставите „Поручникот од Инишмор“ на Ѓорѓи Ризески (Адриана театар во Урошевац), „Коштана“ на Јана Маричиќ (Народно позориште во Ниш), „Кучето се засмеа“ на Ана Батева (Спам театар во Софија), „Граница“ на Совран Нрецај (ОДА театар во Приштина), „Врба“ на Искра Шукарова и „Слугинки“ на Агнес Нокшиќи.

Фестивалот ќе затвори со „Мајка храброст и нејзините деца“ во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на Новосадско позориште. Покрај Пројковски, дел од авторската екипа се и Олга Панго – кореографија, Валентин Светозарев – сценографија и Сергеј Светозарев – автор на плакатот.

Авторка на годинешниот плакат на МОТ е Кристина Горовска. Онлајн билетите се пуштени на www.mot.mk.

(Фото: Н. Бабиќ)