„Денес сѐ е џез“ е насловен целовечерниот џез-хепенинг во Македонската филхармонија, кој почнува во 18 часот.
Настанот по вторпат го организира Здружението на џез-музичари и слободни уметници по повод денешниот Светски ден на џезот.
Тие најавуваат дека главна ѕвезда ќе биде еден од највлијателните џез-музичари во светот, американскиот саксофонист Дон Менза, а диригент е Зиги Фајл од Австрија.
„Ќе настапат и два други инспиративни музички состави кои негуваат различен тип на џез, Гоце Стевковски секстет и Михаил Иосифов квинтет од Бугарија“, велат од ЗЏМ.
Пред стартот на официјалната музичка програма, ќе настапат студентите од џез-катедрата при Факултетот за музичка уметност во Штип, џез-ансамблите кои функционираат во рамките на катедрата за популарни жанрови при Факултетот за музичка уметност од Скопје, како и џез-хорот „Артизан“.