Калиопи го одржа својот најдобар концерт досега, вчера (14 ноември) во Филхармонијата. Ова беше нејзин прв солистички концерт во оваа сала, и по долго време акустичен, со 12 музичари на сцената.
Бендот и придружните вокали Маја Саздановска и Јулија Карамитрова-Огненоска, таа ги засили со гудачки квинтет и двајца дувачи, кои пееја заедно со неа и со публиката.
Уникатноста кај Калиопи е што од една страна публиката останува зачудена по секоја нејзина моќна вокална изведба, особено во акапела деловите, а од друга страна не е изненадување колку е таа квалитетна пејачка. Иако од неа се очекува да одржи добар концерт, Калиопи со секој нов ги надминува очекувањата. Вчера беа дојдени фанови од Србија и од Хрватска кои ретко пропуштаат нејзин концерт.

„Кога бев на Евровизија во 2016, јас сакав да ја пеам ‘Дона’, а Ромео сакаше да ја пеам оваа песна затоа што е поуметничка. Му реков: ‘Ромео, ајде еднаш нека биде по мое, остави ме да си го слушам срцето’. Тој ме послуша, но јас се покајав. Оттогаш му реков дека ќе биде по негово“, рече Калиопи за песната „Казна“, која лани ја сними во дует со Слаткаристика, и ја отпеа оригиналната верзија, напишана пред девет години.
За една од баладите од новиот албум „Албум“, таа рече: „Оваа песна прво ја преживеав, па ја снимив“. На жените во публиката им рече дека годините се само бројка.
„Јас сум на сцената 40 години, а ако пресметаме од Златно славејче, колку ли се тоа? На 28 декември полнам 59 години и ќе пеам уште долго, уште долго ќе ме трпите“, рече Калиопи.

Ќе се раскажуваат моментите кога целиот бенд си замина од сцената, а таа остана сама со придружните вокали, седна на клавирот и ја отсвире и отпеа „Не плачи“, ѕвезденото небо на „Месечина“, целата публика на нозе на „Дај да пијам“, аплаузите среде песна, (а ги имаше во речиси секоја), миксот од балади, убавата сценографија.
Изненадување на вечерта беше блокот од евергрини од 1970-тите од Сашка Петковска, Драган Мијалковски и други пејачи за кои Калиопи рече дека им се восхитувала гледајќи ги на црно-бел екран.

Калиопи не се напи вода ниту еднаш во текот на концертот. Пееше и танцуваше со ентузијазам и радост како да е првпат на сцената. Многу пејачи за своите најголеми хитови кои најчесто ги пеат и ги повторуваат велат дека им здодевни. Тоа не важи за Калиопи и за „Бато“. Освен што ја пее со голема љубов и жар, таа на крајот од концертот додека траеше „Бато“, се прошета низ бендот и ги прегрна еден по еден.
Концертот го организраше продукција „Прагма“ како и вториот и третиот, на 6 и на 7 декември во истата сала, а организаторите рекоа дека ќе има и четврт концерт.
М. ЏАРОВСКА