По пет години пауза, Биба Додева наскоро ќе промовира нова песна, „Тука си“, која неодамна ја сними во студиото на Кристијан Габровски. Автор на музиката и на текстот е Митко Чешларов, а аранжманот го направи Владимир Дојчиновски-Дојчин.
„Немав снимено нова песна од албумот со преработки на македонски поп хитови ‘Незаборавни’, што го промовирав во 2020. По промоцијата не успеав да направам концерт, бидејќи тогаш се заразив со ковид и едвај останав жива“, ни рече Биба Додева.
Таа е многу среќна што снимила модерна песна, која наскоро ќе ја слушне нејзината публика. Откако се омажи за Срѓан Шрепфлер во 2022, Додева се пресели во Загреб, а во моментов се заедно во Охрид.
„Периодов уживам во прекрасниот Охрид, полниме батерии со сопругот и повторно сум музички активна, односно снимам песна“, ни рече пејачката.
Во Скопје дојде за концертот „Летај галебе“, посветен на легендарниот композитор Кире Костов и ја испеа песната „Штом се сака“, чија оригиналната верзија ја има снимено Верица Ристевска.
„Таа песна и уште две-три негови се песните кои јас ги пеам уште од моите први свирки. Пред концертот ѝ се јавив на Кармен Костова, сопругата на маестро Кире Костов и ѝ кажав дека ќе бидам во Македонија во периодот кога се одржува концертот и дека ќе ми биде чест да настапам со некоја од песните со кои израснав. Ги предложив ‘Штом се сака’, ‘Само сеќавања’ и ‘Галеб тажен’. Која било да беше, ќе ја испеев од срце. Тие песни се дел од моето музичко растење и формирање како пејач“, додава Додева.
На албумот „Незаборавни“, кој таа го промовираше во септември 2020, се евергрините „Еден бакнеж“ од Нина Спирова, „Ти само збориш“ од Верица Ристевска, „Скопје“ од „Леб и сол“, „Сребрени улици“ од Маја Оџаклиевска, „Анушка“ од Ана Костовска, „Виолина и гитара“ од Дуле и Коки, „Сонце за три светови“ од Мики Јовановски-Џафер и нејзината песна „Необичен круг“ од 2002.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. Попов