„ПУКА КОЗМЕТИКА“ ЌЕ СЛАВИ 30 ГОДИНИ СО КОНЦЕРТ НА 13 ДЕКЕМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Рап групата „Пука козметика“ прославува 30 години на сцената со концерт на 13 декември во Младински културен центар од 19:30 часот.

„Во киното Фросина ќе се раскажува приказната на групата од своите почетоци до денес. Во лобито потоа ќе има промоција на винил изданието ’30 години Пука козметика’ и коктел за присутните, за вечерта кон 22 часот во Денсинг салата да продолжи музичкиот дел со концерт на ‘Пука козметика’ и другарите“, велат од групата.

„Пука козметика“ е формирана во декември 1995 од браќата Жарко и Дарко Масларковски, заедно со Мартин Георгиевски и Видомир Андреевски. Следната година почнале да работат на свои авторски песни, а во 1997 попрофесионално навлегле во процесот на снимање и настапи. Првиот албум на групата е издаден во 2006, следува троен албум во 2012, како и многу албуми и соработки во „Токсикологија мјузик“.

Во повеќедецениското постоење групата имала многу самостојни концерти и настапи во Македонија и регионот, меѓу кои и како предгрупа на познати рапери од светот.

„Во периодот што следи најавуваме две нови песни од новиот албум, како и видеа и неколку фотосесии. Прославите на роденденот продолжуваат во 2026 во градовите низ Македонија“, велат од „Пука козметика“.

Билетите се продаваат преку мрежата на „Мк тикетс“.