ПО 25 ГОДИНИ НЕКОЈ СЕ СЕТИ ДА МЕ ВИКНЕ ВО СТУДИО ДА СНИМАМ НОВА ПЕСНА, ВЕЛИ ЗОРИЦА ПОП-ПАНКОВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По долго време, легендарната пејачка Зорица Поп-Панкова сними нова песна, „Поминува сѐ“, од авторите Митко Чешларов (музика и текст) и Ангел Ќосев (аранжман).

„За моето враќање на музичката сцена најзаслужен е Ранко Петровиќ, кој пред две години ми побара да бидам гостинка на јубилејниот концерт на Драган Мијалковски, доајенот и легенда на македонската забавна музика. Многу бев среќна што, ете, некој се сетил на мене после толку години, дека сум сè уште тука. Дваесет и пет години наназад, освен некои покани за гостувања и правењето демо снимки за туѓи песни и пејачи, немав влезено во студио да снимам нова песна искомпонирана за мене. Едноставно, бев заборавена, но не и од Ранко Петровиќ и Митко Чешларов. Пред еден и пол месец, еден неочекуван повик го прекина тој молк. Се изненадив кога слушнав дека тоа е Митко Чешларов. Радоста и изненадувањето беа уште поголеми, бидејќи го знаев како дете кое доаѓаше во студио на нашите проби со татко му Благоја Чешларов, првиот човек кој веруваше во мене и ме стави рамо до рамо со најголемите музички имиња во 1970-тите, кога станав постојан член на групата ‘Македонија‘“, ни рече Поп-Панкова.

Кога ѝ се јавил, Чешларов ѝ рекол: „Имам две песни специјално напишани за вас, а најголема желба ми е вие да ги отпеете”. Ѝ испратил демо снимка од „Поминува сè“, за која таа вели дека е прекрасна балада со богата хармонија и мелодиска линија и извонреден текст.

„Одамна немав слушнато нешто толку убаво искомпонирано, а преку текстот знаев дека навистина е напишана за мене, бидејќи ја знаеше мојата приказна во изминатите 30 години. Ете, Митко Чешларов со своите дарба, специфичност и оригиналност ме внесе во студио после 25 години, човек и врвен интелектуалец, кој со леснотија компонира и пишува текстови кои во себе содржат специфични реални приказни од животот, како во мојата-нашата ‘Поминува сè’. Пријатно ме изненади младиот извонреден аранжер Ангел Ќосев, најнапред со своите човечност, смиреност, трпеливост и професионалност, одлики кои ги поседува и Митко Чешларов, така што заедно функционирааат фантастично. Таа негова дарба убаво прозвуче во преубавите аранжмански решенија, потпомогнати и од идеите на Митко. Во студиото на Ангел и ја снимивме песната, која барем за мене звучи извонредно, грандиозно и богато. Ангел и Митко се луѓе кои не знаат што е тоа суета и со леснотија ги прифатија сите мои сугестии за оваа песна, кои убаво се вклопија во аранжманот“, додава Зорица Поп-Панкова.

На 10 декември, во малата сала на Филхармонијата ќе се промовираат книгата и песните на Чешларов, а меѓу нив и нејзината песна „Поминува сè“.

Поп-Панкова, која работеше како наставничка, во 2009 ја промовираше автобиографската книга „Ние“, во која пишува за нејзината музичка кариера, нејзиниот живот и за нејзините соработници, пријатели и семејство.

М. ЏАРОВСКА

Фото: С. Рајхл