Петнаесетгодишниот македонски пијанист Арда Мустафаоглу го освои првото место на меѓународниот онлајн музички натпревар „ЕМјуз”, организиран од меѓународната асоцијација за уметност „Мјуз“ од Атина.
Како првонаграден, Мустафаоглу ќе одржи концерт во Византискиот музеј во Атина на 30 јуни годинава. За наградата одлучуваше жирито во состав: Петрас Генусас (Литванија), Елена Кузнецова (Русија), Лидија Фрамкин (САД) и Борис Розин (Русија).
Натпреварот „ЕМјуз“ е единствен меѓународен натпревар во Грција за класични музичари од сите возрасти и националности и е поддржан од тамошните министерства за култура и за туризам.
На овој натпревар, од 2005 година до денес, учествувале 920 музичари од 87 држави.
Пред концертот во Атина, Мустафаоглу деновиве ќе настапува и во Народниот театар „Иван Вазов” во Софија, а ќе има и солистички концерт во Париз.