Дина Јашари е избрана да ја претставува Македонија на најголемиот европски шоукејс фестивал Eurosonic Noorderslag, чие 40. издание ќе се одржува од 15 до 18 јануари 2026 во Гронинген, Холандија.
„Дина ќе има уникатна прилика да ја претстави својата музика пред меѓународна публика и врвни музички професионалци од светската индустрија. Eurosonic Noorderslag е препознатлив како фестивал кој открива нови музички ѕвезди и претставува платформа низ која поминале некои од најголемите имиња на современата музика, меѓу кои Дуа Липа, Џејмс Блејк и Росалија. Секоја година фестивалот привлекува повеќе од 40.000 посетители и професионалци од музичкиот свет“, велат од тимот на Јашари.
Зад Дина Јашари е уште една успешна година, во која, меѓу другото, го објави деби албумот „Растенија без корен“.
Ова ќе биде петто учество на македонски артист на овој фестивал, по Кирил Џајковски, „Бернајс пропаганда“, „Фанк шуи“ и „Луфтанза“.
Фото: К. Попов