НИЗ „МЕЧТИ“ ЈА СПОДЕЛУВАМ МОЈАТА ПРИКАЗНА, ВЕЛИ УМЕТНИЦАТА МАРКОСКА-НАУМОВСКА, ВНУКА НА ВАНГЕЛ НАУМОВСКИ, ЗА ИЗЛОЖБАТА ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ.СДК.МК)

Во преполната галерија „Охридска порта-Љубица“ синоќа (7 декември) во Охрид беше отворена изложбата на младата сликарка Јана Маркоска-Наумовска, внука на прочуениот македонски уметник Вангел Наумовски, чиј уметнички дух и наследство продолжуваат да живеат низ новите генерации.

На отворањето присуствуваа бројни љубители на уметноста, културни работници и уметници, кои со голем интерес ги разгледуваа делата преку кои младата уметничка раскажува приказна. Вели дека додека ги создавала сликите имала емоции на љубов, болка, среќа, мир и спокојство, но пред сѐ на нејзината вистина.

„Оваа изложба за мене не е само ликовен настан, таа е дел од мојата приказна, моето лично патување, кое на некој чуден начин продолжува тука во галеријата на мојот дедо Вангел Наумовски. Јас сум самоук творец, никој не ме научи на техники и композиции, но тоа го гледам како една привилегија оти уметноста и сликарството ги доживувам како ослободување, а не како одговорност“, вели Јана.

(Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Нејзиниот татко, Рубенс Наумовски, исто така сликар и познавач на уметноста, вели дека е горд што на изложените платна се познава зрелост, искрена емоција и силен творечки импулс.

„Како родител големо е задоволството, од една страна што ја продолжи традицијата, а од друга страна што тоа го прави со многу работа, доследност и упорност. Како ликовен критичар, познавач на уметноста кај Јана увидов дека добро перцепира, одлично ги осознава и формите и боите и композицијата, но што е уште позначајно знае сето тоа да го пренесе на плато со голема експресивност, љубов и топлина“, вели Рубенс.

Заменик-градоначалничката на Охрид, Ана Крстеска рече дека Јана има изградено свој ликовен израз, со свој препознатлив ракопис во уметноста.

„Низ нејзините платна се препознаваат мириси на детството, фрагменти од соништа, тишини кои зборуваат гласно, женска чуствителност, смелост, кревкост и сила. Таа создава светови во кои бојата не е само боја туку емоција, формата не е само форма туку мисла а уметноста не е само изложена туку е доживеана“, кажа Крстеска.

Крстеска (во средина), Наумовски и Маркоска-Наумовска на отворањето на изложбата. (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Првите дела на Маркоска-Наумовска пред јавноста беа преставени на културната манифестација  „Месец на македонска уметност“ во Абу Даби – Обединети Арабски Емирати во 2017 заедно со дела на нејзиниот дедо и нејзиниот татко.

С. ВРЕНЦОВСКА