Со доделувањето на наградите во Официјалната и СЕЕ селекција, вечерва (10 декември) завршува 24. издание на Фестивалот на европски филм Синедејс. Изминатите седум дена беа прикажани повеќе од 50 филмови, но за наградите се натпреваруваат осум во официјална конкуренција и шест во СЕЕ селекцијата.
„Имавме прекрасен фестивал и буквално ‘се гледаме од другата страна’, со сите предизвици во подготвителниот период. Филмската магија нѐ покори и нас како организатори и гостите, кои беа бројни и на ова издание“, вели Маргарита Арсова, програмска координаторка на фестивалот.
По завршувањето на церемонијата на доделување награди на репертоар е филмот „Оче наш“ на Горан Станковиќ, во кој македонски копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ од „Дрим фактори“. Македонската страна на продукцијата на филмот ја претставуваат и снимателите на звук Игор Поповски-Нивеа, Дејан Михајловски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и Горан Стаменков и Тони Михајловски.