СЕЈДИ СИНК ФАВОРИТКА ЗА УЛОГАТА НА ЗЛАТОКОСА ВО НОВИОТ ФИЛМ НА „ДИЗНИ“

Лос Анџелес, (ИМДБ)

Ѕвездата на серијата „Чудни нешта“, Сејди Синк, е фаворитка за главната улога во филмот на „Дизни“, „Златокоса“ (Rapunzel).

Холивудските медиуми пренесуваат дека и покрај гласините дека филмското студио го ставило овој проект на пауза поради слабата заработка на „Снежана“, продуцентите биле во активна потрага по актерка за улогата на Златокоса. Покрај Синк, за главната улога се разгледуваат и Мекена Грејс, Ема Мајерс и Изабел Меј, кои станаа значајни имиња во филмот и телевизијата изминативе години.

Сејди Синк, Мекена Грејс, Ема Мајерс и Изабел Меј. (Фото: Редит)

Синк се прослави со „Чудни нешта“, Грејс оваа година се појави во шест филма, вклучувајќи ги „Regretting You“ и „Anniversary“, Мајерс стана омилена меѓу фановите на „Венздеј“ и ја имаше една од главните улоги во филмот „Мајнкрафт“, a Меј неодамна се приклучи на хоророт „Вресок 7“.

„Од имињата кои ни беа споделени, Сејди Синк беше најчесто споменувана, при што неколку независни извори ја поврзаа со проектот. Засега ништо не е финализирано и изгледа дека ‘Дизни’ разгледува сѐ додека римејкот постепено добива форма“, пишува сајтот „Некст поинт њуз“.

(Фото: Гети)