ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „СО ЗЛАТО ПРОТИВ СМРТТА“ ОД НИКОС ЧАУСИДИС НА 20 ДЕКЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Книгата на проф. д-р Никос Чаусидис „Со злато против смртта: иконографија и семиотика на раноантичките златни погребни апликации од Македонија“ ќе биде промовирана на 20 декември од 19 часот во Археолошкиот музеј на Македонија. Издавач е Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП), од каде што велат дека монографијата ги обработува погребните маски и другите златни покривки ставани врз телата на елитните покојници од Македонија во текот на 4. и 5. век пред нашата ера.

„Преку анализа на формата, значењето и намената на овие наоди, како и преку нивно споредување со пишаните извори и со соодветни традиции присутни во други култури, авторот се стреми да реконструира некои аспекти од религијата и митологијата на популациите што ги правеле и користеле овие предмети и особено нивните претстави за вселената, смртта и посмртната судбина на човекот“, вели издавачот.

За книгата ќе зборува д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во Археолошкиот музеј, а Игор Ефтимовски ќе води разговор со авторот. Настанот ќе биде проследен со изложба на реплики на златните маски и другите погребни апликации изработени од Чаусидис, а наменети за илустрирање на оваа публикација.

На промоцијата ќе биде ставен во функција и линкот за нејзино бесплатно преземање од веб-страницата на ЦИП.