ИЗДАДОВ АЛБУМ ОД МЕРАК, ДА ГО ИМАМ ВО РАЦЕ И ДА ГО ПОДАРУВАМ, РЕЧЕ ДАРИО ЗА НОВОТО ЦЕДЕ „КОВЧЕГ СО ЗЛАТО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Единаесет песни кои се снимени во последниве пет години се дел од новиот албум на Дарио, „Ковчег со злато“. На неформална промоција за медиумите, кантавторот рече дека издал албум од мерак, за да го има во раце и да го подари на блиските за Нова година, иако во денешно време сѐ функционира на дигиталните музички платформи.

„Полесно ми е да спакувам албум отколку сите мои досегашни албуми да ги ставиме на Спотифај. Има доста податоци да се внесат од 1981 година наваму. Денес ретко се печатат албуми, знам, но сакав да имам нешто во раце, нешто да им подарам на блиските за празниците, а мал дел е за продажба. Албумот е направен од мерак“, ни рече Дарио.

Тој се сети на неговата прва снимка за тогашното ТВ Скопје во 1981.

„Паметам со каква радост и возбуда отидов во телевизија и снимив преработки на ‘Кажи зошто ме остави’ и ‘Каде си’. Догодина се 45 години од тие први снимки“, се сети Дарио и додаде дека по тој повод би сакал да одржи и концерт.

Тој стана популарен со групата „Бон-тон“ во 1980, а јубилејните концерти по повод 40 години кариера ги одржа во 2023 во Филхармонијата, одложувајќи ги поради ковид пандемијата.

„Како промоција на албумот одржав концерт во хотелот ‘Епинал’ во Битола, интимен, за околу 400 луѓе. Повеќе од 90 проценти беа жени во публиката“, рече Дарио.

Зборувајќи за еден од неговите најголеми хитови „Дупла водка“, тој рече дека воопшто и не пие водка.

„Многу е интересно кога на настап во некој клуб келнерите ми носат водка од гостите кои сакаат да ме почестат, симболично поради песната. Им наздравувам на сите, но јас водка и не пијам, во принцип алкохол пијам многу малку“, вели Дарио, кој води здрав живот, вози велосипед и пешачи на Водно.

„Токму додека возам на кеј или пешачам на Водно, знае да ми дојде инспирација за некоја мелодија. Знам да застанам и да ја снимам на телефон, па продолжувам. Дома често ми се случува, гледам некоја програма на телевизија или слушам разговор и ми доаѓа инспирација на таа тема да направам песна. Се случувало и од сон да ме разбуди инспирација“, ни рече Дарио.

Негов близок пријател беше Драган Б. Костиќ, кој почина на 20 декември. Вели дека му е благодарен што ги промовирал бендот „Бон-тон“ и сите негови песни потоа.

„Да не беше Драган, немаше да ја запознам мојата сопруга Бојана пред 40 години, на една од неговите забави во диско ‘Турист‘“, вели Дарио.

„Ковчег со злато“, „Мојата драга“, „Засекогаш млад“, „Кој чека, ќе дочека“, „Какви се ова времиња“, „Еј животе“, „Ракија“, „Врзете ми ги рацете“, „Молитва“, „Ишала“ и „Горе горе“ се песните на новиот албум. Дарио е автор на музиката и текстовите на сите, а аранжер и продуцент е Кристијан Габровски.

Албумот е посветен на неговиот пријател, композиторот и продуцент Тоше Поп-Симонов, кој почина на 19 април на 63 години.

М. ЏАРОВСКА