„ЛЕГЕНДАТА“, НОВА ПЕСНА НА ТОНИ ЗЕН КАКО НАЈАВА ЗА ДВЕ ПЛОЧИ ВО 2026

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новата песна „Легендата“ е најава за два албума на Тони Зен кои ќе излезат следната година, а со нив раперот ќе прослави 21 година на сцената. Текстот за новиот сингл е на Тони Зен, музичката продукција на Иван Костадинов (Смоук панда), а видео продукцијата на Владислав Гавриловски.

„Со оваа песна најавувам нов албум кој ќе излезе догодина и 21 година постоење. Поточно, ќе излезат два албума на плоча, со две стихозбирки. Едниот албум е од 2019, а другиот, или новиот, ги содржи песните издадени во последниве три години и плус 4 нови, досега неиздадени, сето тоа спакувано во премиум сет. Албумот од 2019 се вика ‘Од изворот на изборот’, а новиот ‘Другата страна на изборот”, вели Тони Зен.

На 11 октомври тој одржа концерт заедно со Слаткаристика во полната сала „Борис Трајковски“, со што прослави 20 години на сцената.

„Сите осум песни се инспирирани од моите лични искуства од изминатите години. Овој албум се слуша со срце. Не случајно е акустичен, мирен и сниман во 432 херци, со цел да се задржи природната фреквенција. Музиката на албумот е посветена на вистината, љубовта и просветлението“,рече Тони Зен за претходниот албум во 2019.

М. ЏАРОВСКА