ЌЕ ПАТУВАМЕ ДО ЛАПОНИЈА И НАЗАД НА НОВОГОДИШНИТЕ КОНЦЕРТИ СО ЖЕНСКИОТ КВАРТЕТ, ВЕЛИ САРА МЕЈС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пред концертот со новогодишни песни со нејзиниот женски квартет на 29 декември во Филхармонијата, Сара Мејс вели дека таа и нејзините колешки Ана Петановска, Калина Велковска-Кали и Теа Богатинова се многу возбудени. По концертот кој го одржаа пред неколку дена во Битола, концерти со новогодишни песни ги очекуваат и во Штип и Крива Паланка. Квартетот ќе настапи со Божиќниот оркестар со кој ќе диригира Иван Еминовиќ.

Од настапот на „Зимска приказна“ во Битола (Фото: Фејсбук)

„Оваа година, за разлика од претходните, сакаме да направиме цело едно музичко патешествие, со сценарио, изненадувања, нови аранжмани, нов оркестар, светла, трепкања. Ќе биде патување до Лапонија и назад. Девојките и јас сме многу возбудени и едвај чекаме да се видиме со луѓето кои ја сакаат и ја почитуваат нашата музичка мисија во Филхармонија на 29 декември од 20 часот.  Билетите се во продажба на ‘Мк тикетс’. Исто така, оваа година ќе се дружиме и со штипјани на 28 декември во 19 часот во Домот на Културата, а ќе пееме и во Крива Паланка на 30 декември на Плоштадот од 18 часот“, вели пејачката и харфистка.

Ана Петановска, Теа Богатинова, Сара Мејс и Калина Велковска (Фото: Приватна архива )

Репертоарот на концертите на „Sarah Mace and The Girlzz“ се најпознатите новогодишни класици и божиќни песни, и како што вели Сара Мејс, сѐ е во тој дух. На 21 декември, квартетот настапи на манифестацијата „Зимска приказна“ во Битола. Пејачката вели дека супер си поминале, а Битолчани се секогаш извонредна публика.

За најубавите детски празнични спомени, Сара Мејс вели дека ѝ се повеќе поврзани со Божиќ и Бадник.

„Повеќето убави спомени ми се од Бадник и Божиќ. Тоа се едни од најголемите христијански празници. Бадник, месењето лепче и  приготвувањето на целата посна трпеза заедно, коледарчињата истиот ден порано, подготвувањето на коледарските дарови еден ден претходно“, вели харфистката од Националната опера и балет. Годинава, таа во матичниот оркестар свиреше со повеќе познати музичари, а дел од нив е и концертот на Пласидо Доминго во Скопје. 2025 таа ќе ја памети по повеќе убави работи и една лоша.

Ана Петановсдка,Сара Мејс, Калина Велковска и Теа Богатинова (Фото: Приватна архива)

„Оваа година ќе ја паметам по убавите соработки, како на пример со Чери, музиките кои ги сработевме заедно со Роберт Билбилов, ‘Убав е’, ‘Нека трепка’ заедно и со моите најзлатни девојчиња Ана Петановска, Кали Велковска и Теа Богатинова, која е особена радост зошто е и првата авторска песна на нашиот квартет. Химната на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) која беше голема чест да се испее. Тоа беше соработка не само со Роберт Билбилов, туку и со Лара,  Јанг Дади и Александар Тарабунов-Тара. Исто така и самиот настап на отварањето на церемонијата на ЕМОФ. Најсвоја сум кога сум со харфата. Песната ‘Псалм 150’, Божиќниот концерт во Велес, ах, каква незаборавна ноќ беше тоа, каква енергија почувствуваме од публиката, навистина посебно. Исто така, тогаш Велес уште еднаш докажа дека е град на хуманоста. Сите средства од билетите беа донирани за набавка на опрема за Детското одделение во Општата болница Велес. Како оркестрант свирев со Пласидо Доминго, Петар Пејчиќ, Симон Трпчески и други. Земавме уште едно куче, на Атос поколение, неговиот син Тор. Годинава ќе ја паметам и по излетите во Лупиште со семејството. Од лошите работи годинава, кобниот 16 март“, вели Сара Мејс.

М.ЏАРОВСКА