Слаткаристика ќе одржи концерт во Охрид на 2 август на стадионот „Билјанини извори“, објави продукција „Прагма“. Концертот е насловен „Слаткаристика и пријателите“, а организаторите најавуваат многу гости.
„Конечно, ќе се одржи македонски концерт на стадион. Вечерта на Илинден, сите мои блиски пријатели ќе бидат дел од сцената. Дојдете да си поминеме најубаво. Овој концерт ќе биде круна на мојата досегашна работа. Ова е за 20 години и за следните 20 во ова“, вели раперот кој слави 20-годишен јубилеј.
Слаткар и Тони Зен на 11 октомври 2025 ја наполнија салата „Борис Трајковски“ во Скопје на заедничкиот концерт со многу гости од рап сцената со кои соработувале во изминативе 20 години. Гости беа и „Некст тајм“ и Калиопи како изненадување на крајот.
Слаткаристика на 3 декември во 2025 на дигиталните платформи го промовираше новиот миниалбум со пет песни, „Одлични 5“. Музичарот рече дека животот за него е инспирација и периодов има доста нови песни.
„Гости ми се Калиопи, Пајак и Оби Трајс, кој е светска ѕвезда. Има песни со Еминем, 50 Сент, Доктор Дре и сега со мене. Ова ми е многу зрел албум, иако не е класичен, туку збир на одлични пет песни, а самиот наслов го кажува тоа“, ни рече Слаткаристика.
Билетите се во продажба преку мрежата на Купи карта.