Анимиран спот направен со помош на вештачка интелигенција сними виолинистот Никола Јанков-Коки за песната „Виолина и…“, која ја испеа лани на Макфест во чест на неговиот пријател и колега од дуото „Дуле и Коки“, Душан Љубисављевиќ, кој почина на 23 септември 2013. Премиерата на спотот, кој го работеше Ефтимија Јовановска, ќе биде денеска (16 јануари) во 18 часот.

„Снимив еден друг спот за оваа песна, но остана така, не го објавив. Нешто ми кажуваше дека треба вакво нешто. Експериментирав изминатиов период и испадна многу добро, многу сум задоволен. Анимација е, а, сепак, со голема емоција внатре“, ни рече Никола Јанков-Коки.
На Макфест во Штип, кој лани прослави 40-годишен јубилеј, тој настапи со „Виолина и…“, за која Јован Јованов ги напиша музиката и текстот, а аранжманот е на Дамјан Лазаров. Штипското дуо „Дуле и Коки“ победи на Макфест во 1996 со „Виолина и гитара“ и стана популарно.

Јанков планира неколку проекти за одбележување 30 години од „Виолина и гитара“.
„Имам нов проект, двоен албум со 20 песни, дел стари, дел нови, кои ги снимавме минатото лето. Работев напорно цело лето во студиото на Темелко Андреев во Велес и при крај сме со материјалот. Идејата е да се испромовира сѐ што е ново и да се направи голем концерт“, ни рече Коки, професор по виолина во Музичкото училиште во Штип.
М. ЏАРОВСКА