ПЕСНИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ КАКО МОЈ ТРАГ И ПО СТО ГОДИНИ ОТКАКО ЌЕ МЕ НЕМА, ВЕЛИ ДАРКО ГЕЛЕВ-БРЕЈК ЗА НОВАТА БАЛАДА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Една во милион“ е новата балада на Дарко Гелев-Брејк, која ја сними една година и два месеца по неговиот последен сингл „Оваа песна не знаев да ја напишам“. Брејк интензивно ѝ се врати на музиката по неколку години пауза и вели дека заслужни за тоа се добрите песни и добриот тим.

„Мојата нова песна е плод на генијална работа и соработка помеѓу Игор Џамбазов, Никола Перевски-Пере, Дарко Димитров и мене. Таа е предвесник на мојот втор албум, кој е при крај со снимање и се надевам дека сите песни ќе се доснимат до следната есен. Тоа ќе биде убав и интересен материјал“, ни рече Брејк.

По долго време, тој настапи во живо како гостин на петте акустични концерти на „Нокаут“, кои се одржаа на крајот од 2023 во Филхармонијата и на концертите во Античкиот театар во Охрид и во Хераклеја во Битола во 2024.

Брејк, Пере од „Нокаут“ и Игор Џамбазов (Фото: Инстаграм)

„За тоа како ѝ се вратив на музиката, ќе го запишам и ќе го штиклирам на сметка на Пере и на менаџерот Васко Павлески од продукцијата ‘Фреш унион’. Тие ме убедија со петте концерти на ‘Нокаут’ во Филхармонија и со понуда на добар материјал. Јас секогаш кажувам дека ако ми се понуди добра песна, сигурно би ја претворил во мој траг, музиката ќе остане и по сто години откако ќе ме нема“, додаде Дарко Гелев-Брејк.

Никола Перевски-Пере ја напиша музиката за новата балада, аранжер и продуцент е Дарко Димитров, а текстот е на Игор Џамбазов. Режисер и монтажер на спотот е Огнен Шапковски.

М. ЏАРОВСКА

 

Фото: К.Попов