„МАРТИНКИ-ТРАДИЦИЈА ШТО ТРАЕ“, ИЗЛОЖБА НА МАРИЈА МЛАДЕНОВСКА-МИТРОВСКА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Утре (4 март) од 13 до 18 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе се одржи изложбата „Мартинки-традиција што трае“ на Марија Младеновска-Митровска. Изложбата содржи избор од рачно изработени мартинки создадени во повеќе од 35 години континуирана работа и документарен материјал од нивната меѓународна презентација во Варшава.

Мартинките се традиционален обреден симбол поврзан со доаѓањето на пролетта, здравјето и среќата. Во творештвото на Младеновска-Митровска тие се појавуваат како спој на наследена традиција, личен ракопис и современа визуелна интерпретација.

Во 2024, дел од нејзините изработки беа претставени во Варшава, во рамките на меѓународен настан посветен на обичајот на мартинките, кој во 2017 беше вклучен во листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО како мултинационална номинација на Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија.