ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈАТА ЗА ОРОТО КОПАЧКА, КОЕ Е КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО НА УНЕСКО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фолклорната група „Копачка“ од делчевското село Драмче ќе ја промовира книгата „Ехото на дамарите на пијанчани – Копачката“ од авторката Перса Стојановска, што ќе се одржи на 6 март од 19 часот во галеријата „Метаноја“ во Скопје. На промоцијата, играорците од Драмче ќе ги изиграат и женската и машката изведба на Копачка, единственото оро од Македонија впишано на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Фолклорната група „Копачка“ е единствениот носител на ова оро.

Промоцијата се одржува во соработка со Балканскиот институт за вера и култура и галеријата „Метаноја“. Промоторка на монографијата ќе биде професорката и етномузиколог Велика Стојкова-Серафимовска.

Посетителите ќе можат да проследат и изложба на автентични предмети од Пијанец, меѓу кои черги, фути, рачници, пешкири, фурки, троножни столчиња, бакарни и глинени садови и традиционални музички инструменти, како тапан, ќемане, тамбура и гајда. Изложбата ќе биде поставена во галеријата и во текот на следната недела.

Авторката Перса Стојановска е внука на ороводецот Дафчо Стојановски и ја пренесува традицијата на сите оние кои ја играле Копачката како дел од животот на драмчани и пијанчани.