Осма година по ред, „Битолски оркестар Дива“ и диригентот Владимир Димовски го организираат концертот „Тоше, заскогаш во срцата“, кој и вчера (5 март) се одржа во полниот Центар за култура во Битола.
Како на секој битолски настан, убав свет дојде да ги слушне хитовите на Тоше во оркестарска верзија. Овојпат се пееја главно песни од последните албуми на поп-ѕвездата на македонски и на хрватски јазик и дел од песните од англискиот албум, кој излезе постхумно.

Фантастичната Ана Петановска, Димитар Андоновски, Бојан Стојков, Јасна Димитровска, Марија Димитровска, Марија Јаковлеска и младиот Алексеј Ивановски од срце ги пееја „Полско цвеќе“, „Рани на усните“, „Срцето не е камен“ (Срце није камен), „Тајно моја“ и мнигу други.

За жал, поради здравствени причини не пееше Наде Талевска, која дојде во Битола и го следеше концертот од публика. Една од планираните песни за неа, „Немаш ни благодарам“, беспрекорно ја испеа Биљана Талевска, која пееше придружни вокали на целиот концерт.
Убаво изненадување беше и младиот Алексеј Ивановски, кој во дует со Бојан Стојков ја испеа „Мое малечко“ (My Little One), дуетот на Тоше со внукот Кристијан Ристески.

Дел од женската публика се расплака кога на песната „За овој свет“ излегоа деца од основното училиште „Гоце Делчев“ од Битола со светилки во рацете. Оваа песна Тоше ја испеа во 2004 за УНИЦЕФ. Тој беше регионален и национален амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ.

Тоше го видовме на видеобим на крајот и онаа негова позната реченица која ги разнежи сите во публиката, „Ве сакам од дното на срцето и душата“. Концертот заврши со заслужен бис и големи аплаузи.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Димитар Андоновски