ЛОЗАНО Ѝ ЈА ЗАПЕА „КАКО ТЕБЕ НЕМА ДРУГА“ НА СОПРУГАТА И ЗАИГРА СО СИНОТ НА ФАНТАСТИЧНИОТ КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Влатко Лозаноски-Лозано го одржа најдобриот концерт досега, вчера (7 март) во салата „Борис Трајковски“. Во полна сала, со богата сценографија, проширен бенд, танчарки и гости, тој направи „километри љубов“, како што беше насловен концертот.

На песната „Жена ко ти“ Лозано им подари ружи на жените од публиката (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Бината беше проширена до публиката, а поп-пејачот повеќепати во текот на концертот се поздравуваше со фановите од сите генерации. На песната „Жена ко ти“ тој им подари ружи на жените од првите редови, како подарок за 8 Март.

Фото: СМАРТ СДК.МК

Неговата сопруга Савка и синот Марко, кој има една и пол година, го следеа концертот, заедно со дуото „Некст тајм“. Пејачот погледна накај сопругата и синот на песната „Како тебе нема друга“ и ги поздрави со насмевка. На средината на концертот, тој го зеде синот со него на сцената.

Сопругата на Лозано, Савка, со синот Марко (Фото: Г. Десковски)

Најемотивниот дел беше трибјутот за групата „ДНК“. Лозано испеа два хита од неговите пријатели кои загинаа во пожарот во Кочани и рече дека биле пријатели со години, а истиот продуцент е автор и на нивните хитови, Лазар Цветкоски.

Лозано со танчарките од студио „Бах“ (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Се дружевме, ширевме љубов. Морам да го поздравам и нашиот продуцент Лазар Цветкоски, кој е дел од тој креативен свет. Дали може една голема минута аплауз за ‘ДНК‘?“, рече Лозано.

Тој одлично звучеше и на баладите на Тоше Проески и Миле Кузмановски. Песната „Мајко“ им ја посвети на сите мајки.

„Поздрав за мојата мајка. Таа е тука во публиката, со татко ми и сестра ми. Им благодарам, тие ми се голема поддршка“, рече Лозано.

Александра Јанева беше прва гостинка (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Александра Јанева беше прва гостинка и со својот моќен глас ја збогати песната „Не те вадам јас од памет“. Лозано во дует со Никола Перевски-Пере го испеа хитот на „Нокаут“, „Лебедот бел“ и ја покани публиката на славеничкиот концерт на бендот на 9 мај во Скопје. Изненадување на вечерта беше Мики Јовановски-Џафер, кој во дует со Лозано ја испеа „Сонце за три света“, една од неговите омилени.

Мики Јовановски-Џафер и Лозано (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Публиката најгласно пееше на „Километри“ и „Јако јако“, а во текот на целиот концерт, Лозано го следеа танчарките од студиото „Бах“ од Струга и саксофонистката Александра Илиева. Концертот го збогати виолинистот Виктор Ангелов, кој свири со големи оркестри низ цела Европа, а дипломираше на Универзитетот Моцартеум во Салцбург. Концертот го отвори групата „Поп арт“.

Никола Перевски-Пере (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Скромното момче од Кичево, кое почна во талент шоуто „Мак ѕвезди“ во 2007, заслужено стана една од најголемите наши поп-ѕвезди, градејќи ја кариерата постепено, со добриот глас и добрите песни. Негов менаџер е новинарот Васко Спасоски. На концертот го докажа овој статус, а многу колеги дојдоа за да го поддржат.

М. ЏАРОВСКА