„ЏЕЗОТЕРИА“, ЦИКЛУС КОНЦЕРТИ СО ПОЗНАТИ ЏЕЗ МУЗИЧАРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од 21 март во „Аудиокултура“ во Скопје започнува циклусот на џез концерти со познати македонски музичари насловен „Џезотериа“, објави продуцентската куќа „Трето уво“. Првиот ден концерт ќе одржи пијанистот Гордан Спасовски (фото).

​На 28 март настапува пијанистката Дуња Иванова, на ​4 април гитаристот Тони Китановски, на 18 април гитаристот Георги Шарески, а на ​25 април концерт ќе одржи Оливер Јосифовски со неговото трио. Циклусот завршува на ​7 мај со концерт на „Џоле Максимовски трио“.

„‘Џезотериа’ е интимен и автентичен музички формат, во кој секој од уметниците ќе има свој соло рецитал, откривајќи ги личната музичка визија, импровизацијата и креативната слобода што ја носи џезот. Публиката ќе има ретка можност да ги слушне овие исклучителни музичари во блиска и акустично совршена атмосфера. Циклусот има за цел да поттикне промоција и популаризација на сè поквалитетната македонска џез сцена, која во последните години се развива со силна креативна енергија“, вели Иво Јанкоски, продуцент на проектот.