АНА ПЕТАНОВСКА И МЕТО ДИ ФЛЕШ ЈА СНИМИЈА ПЕСНАТА „АНГЕЛСКИ ЗДИВ“, ПОСВЕТЕНА НА МЛАДИТЕ КОИ ЗАГИНАА ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
„Ангелски здив“ е новата песна на Мето Ди Флеш и Ана Петановска, заедно со продукцијата „Ејнџелс тим“, посветена на младите кои загинаа во пожарот во Кочани на 16 март лани. Музиката, текстот и аранжманот се на Методи Поповски, кој вели дека ја напишал песната „во еден здив, со длабока почит кон младите кои прерано починаа“.
„Оваа песна едноставно сакаше да излезе од мене. Додека ја пишував, имав чувство како секој збор сам да се појавува. Болката и прашањата што сите ги носиме во себе се претворија во музика“, вели Поповски.
Песната е снимена во „Студио Флеш“, а во нејзината реализација учествуваше и Стефан Петановски, во чие студио Ана Петановска ги сними вокалите. Автор на видеото е Раде Гогоски. Сцените се снимени во Струга и Скопје, а во видеото глуми Анастасија Поповска.
„Додека ги снимав вокалите, неколкупати морав да застанам. Тешко е да се пее за нешто што толку боли. Но, чувствував дека песната треба да се испее, како молитва и како сеќавање. Се надевам дека барем малку ќе донесе утеха на семејствата“, рече Ана Петановска.
Мето Ди Флеш (Фото: Приватна архиа)
„Ова не е само песна. Ова е порака, спомен и почит. Секој од нас даде дел од своето срце во ова дело. Нека ‘Ангелски здив‘ биде потсетник дека тие млади животи никогаш нема да бидат заборавени“, вели Мето Ди Флеш.