КИНЕСКА ТЕЛЕВИЗИЈА ЈА ЦЕНЗУРИРАШЕ ЕВРОВИЗИЈА, ПА ДОБИ ЗАБРАНА ЗА ПРЕНЕСУВАЊЕ

Пекинг, (Би-Би-Си)

Европската радиодифузна унија (ЕБУ) му забрани на еден од најпопуларните кинески ТВ-канали да ја емитува Евровизија, откако тој цензурираше ЛГБТ-елементи и други детали за време на полуфиналето.

„Манго ТВ“ беше критикувана на социјалните мрежи во Кина откако замагли знаме во боите на виножито и прекри тетоважи, додека го емитуваше преносот од првото полуфинале во вторникот.

Таа, исто така, одби да ги емитува песните на претставниците на Ирска и на Албанија.

ЕБУ објави дека цензурата е спротивна на идејата за почитување на различностите, што ја промовира Евровизија.

„Со големо жалење мора да соопштиме дека го прекинуваме нашето партнерство со телевизијата и на неа нема да ѝ биде дозволено да го пренесува големото финале“, се вели во соопштението на ЕБУ.

Голем број корисници на кинеската социјална мрежа Веибо ја споделија снимката од цензурираното знаме во боите на виножито, кое е симбол на ЛГБТ-заедницата.

„Ова е голем чекор назад“, напиша еден од нив.