МУЗИЧКАТА ПЛАТФОРМА „ТЕРАПИЈА“ ЌЕ УЧЕСТВУВА НА ФЕСТИВАЛОТ „ЕКСПО МЈУЗИК“ ВО ТИРАНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонската музичка платформа „Терапија“ ќе учествува на фестивалот „Експо мјузик“ во Тирана, кој ќе се одржува од 17 до 19 април.

„Платформата ќе учествува во тимот за поврзување на фестивалите, со цел подобрување на регионалната соработка и ќе биде дел од македонскиот павилјон, каде ќе се претстават претставници од музичката и креативната индустрија“, велат од „Терапија“.

Платформата е создадена во периодот на пандемијата, кога музичката индустрија беше меѓу најпогодените сектори.

„Преку перформанси, предавања, изложби и диџеј-сетови го промовираме културното наследство на Македонија на меѓународно ниво, истовремено едуцирајќи ги младите генерации за значењето на културата и идентитетот. Платформата ѝ даде нова вредност на електронската музика, создавајќи простор за развој на локалната и регионалната сцена. Особен фокус е ставен на значењето на ноќната економија и рестартирањето на ноќниот живот во Скопје, по периодот на стагнација по трагедијата во Кочани“, велат од „Терапија“.