НА 31 МАРТ ВО БИТОЛА КОНЦЕРТ НА МАНДОЛИНСКИОТ ОРКЕСТАР „СЛОГА“ ОД ЗАГРЕБ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

На 31 март во Офицерскиот дом во Битола од 19 часот, концерт ќе одржи мандолинскиот оркестар на Хрватското графичко музичко друштво „Слога“ од Загреб. Концертот е насловен „Мозаик на хрватската мандолина“ и ќе диригира маестро Максимилијан Бориќ.

Младинскиот мандолински оркестар на „Слога“ основан е во 2022. Го сочинуваат ученици кои свират на мандолина и гитара од Музичкото училиште „Павло Марковац“ од Загреб, ученици кои свират гитара од други музички училишта, како и студенти и поранешни ученици кои свират мандолина. Оркестарот оваа година слави 97 години од основањето.

Репертоарот се состои од класични и современи композиции од хрватски и странски композитори напишани за мандолински оркестар.

Во 2023, оркестарот за првпат се претстави на 27. Хрватски фестивал на мандолина во Имотски, каде што ја освои втората награда во категоријата класична и современа музика. Оркестарот одржа концертна турнеја во Србија и во Италија и интензивно се посвети на изведување дела од хрватски композитори за мандолински оркестар, оживувајќи некои од тие дела кои со децении не се изведувани. Уметнички директор и диригент на оркестарот е Максимилијан Бориќ, професор по мандолина кој дипломирал мандолина на Конзерваториумот „Џузепе Верди“ во Милано.

Ж. ЗДРАВКОВСКА