Наградата ми е посебно значајна оти го носи името и споменот на големиот актер Прличко, кажа Атила Клинче, при синоќешното (27 март) доделување на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ во Велешкиот театар. Клинче помина 44 години на сцената на матичниот Турски театар, а работи и како професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
„Ние актерите сме сонувачи, сонуваме секогаш со отворени очи. Затоа на студентите им велам добро сонувајте, нема лош сон. Актерот е пример на едно општество. Се надевам за моите повеќе од четири децении работа сум направил нешто за македонскиот театар. Прличко има голем придонес за македонскиот театар и глумиште и за театарската штици и за белото платно, но и култура. Затоа е задоволство е да се добие оваа награда, горд сум што ја добив“, кажа Клинче при добивањето на наградата.

Тој од сцената на Велешки театар кажа дека очекува со сегашниот министер за култура Зоран Љутков, кој беше во публиката, да се заврши изградбата на зградата на неговиот Турски театар, кој се гради од 2014. Во 2014 заврши изградбата на Велешкиот театар.
Наградата „Петре Прличко“ се состои од паричен дел кој е од општина Велес и спомен плакета од театарот. За наградата одлучуваше тричлено жири, претседател Слободанка Чичевска како лански добитник, и членовите актерите Васил Зафирчев и Благојчо Стојанов.
Актерскиот опус на Атила Клинче во образложението за наградата пишува дека вклучува комплексни и значајни ликови како Хамлет, Енкиду во Гилгамеш, Едип, Мемет, Магбет, Фентон, Креонт, кои ги изведува со извонредна длабочина и мајсторство и за кои е наградуван уште од 1982 како Награда за млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински“, за улогата на Мемет. Во 2005 за главната улога на таткото во претставата „Куќа на граница“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ ја добива наградата за најдобро актерско остварување. Во 2016 ја доби државната награда „11 Октомври“ како највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста.
Клинче има голем број на улоги и во филмот и телевизијата, каде што се истакнува со својата разновидност и интензивност во интерпретациите. Има играно во „Ден за тетовирање“ во режија на Столе Попов, во „Пред дождот“ и „Прашина“ во режија Милчо Манчевски, „Пусто турско“ режија Коле Ангеловски, во мега турската серија „Румелија“, сериите „Балканска свадба“, „Последно лето“. Тој беше еден од носителите на репертоарот на Турскиот театар и негов долгогодишен директор со огромен придонес во развојот на македонската театарска сцена.
П. ПЕЧКОВ
Градоначалникот Марко Колев и лауреатот Атила Клинче. (Фото: Министерство за култура)