Вечерва (2 април) на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) ќе има разговор со Дејан Дуковски, еден од најзначајните современи македонски драмски автори и воедно еден од најизведуваните на театарската сцена во Европа и светот. Настанот е дел од програмата „Автор во фокус“ на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а разговорот ќе го води проф. д-р Ана Стојаноска, директорката на Фестивалот.
Оваа активност е дел од програмата на 60. издание на фестивалот, што ќе се одржи од 5 до 12 јуни во Прилеп.
Дуковски дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата на Горан Стефановски. Уште од првите драмски текстови „Балканска 3/а“ (1988), „Последниот балкански вампир“ (1989), „Силјан Штркот шанца“ (1991) и „Џинот и седумте џуџиња“ (1991) ја најавил својата препознатлива поетика. Неговото творештво ја носи во себе македонската драмска традиција, но истовремено ја преиспитува и ја трансформира, создавајќи моќен и автентичен театарски јазик кој директно комуницира со времето во кое живееме.