Скопје вчера уживаше во врвна танцова уметност на шоуто на глобалниот феномен „Господар на танцот“ од Ирска. Публиката во салата „Јане Сандански“ го испрати со овации.

На сцената настапија седумдесетина танчари, а 100 луѓе беа задолжени за техниката, сценографијата и продукцијата. Публиката гледаше динамично шоу со совршена синхронизација, моќна музика, визуелни ефекти и интересно сценарио.

Ова беше прво гостување на ирските танчари во Скопје по осум години, а доаѓањето беше дел од европската турнеја по повод 30-годишнината од создавањето на култниот перформанс на ирскиот танчар Мајкл Флетли. Со танц на Флетли на видеобим заврши шоуто, а гледавме и снимки од стадионите и салите кои со екипата ги полнел во изминативе години.

Шоуто и започна со говор на Флетли на видеобим, кој раскажа дека како помлад си ги врзувал рацете со ремен зад грбот за да може подобро да танцува.

Јубилејната изведба донесе освежена кореографија и нови костими. Музиката од композиторот Џерард Фахи е инспирирана од ирскиот фолклор, комбинирајќи традиција и современ сценски израз. Со своите енергија и прецизност, танчарите потврдија зошто оваа продукција е една од најуспешните во историјата на шоу-бизнисот.

Шоуто „Господар на танцот“ досега играше пред повеќе од 60 милиони публика во светот, а во Скопје го донесе продукцијата „Пасворд“.
М. ЏАРОВСКА